Општината најави обновување на клупите, корпите и местата за игра

Општина Карпош започна пролетна акција за реконструкција и реновирање на детските игралишта и урбаната опрема на територијата на општината.

Акцијата опфаќа санација и обновување на детските игралишта, замена на оштетените клупи и корпи за ситен отпад, како и реконструкција на останатата урбана опрема која е во надлежност на локалната самоуправа.

Од Општината информираат дека според предвидената динамика, во наредниот период сите игралишта и урбана опрема ќе добијат подобар изглед и ќе бидат побезбедни за користење.

„Сите детски игралишта и останата урбана опрема, во најскоро време ќе добијат нов сјај и подобар изглед и ќе бидат безбедно место за игра на најмалите жители, како и место за релаксација на сите карпошани“, соопштија од Општината.

Крстевски секојдневно на терен

Од локалната самоуправа посочуваат дека заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски секојдневно ја следи работата на терен и активностите што ги реализираат општинските екипи.

„Посветената и одговорна работа на општинското раководство и општинските служби продолжува во насока на обезбедување на сигурен, безбеден и достоинствен живот на сите наши граѓани“, наведуваат од Општина Карпош.