Пратеникот во Собранието, Бојан Стојаноски, презентираше детална споредбена анализа за движењето на просечната старосна пензија во првите две години од мандатот на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наспроти првите две години од владеењето на СДСМ во коалиција со ДУИ.

Според статистичките показатели што ги презентираше Стојаноски, просечната старосна пензија во периодот од јуни 2017 до јули 2019 година, за време на владината коалиција на СДСМ и ДУИ, забележала пораст од 15.273 на 15.813 денари, што претставува зголемување за вкупно 540 денари.

Од друга страна, во периодот од јули 2024 до мај 2026 година, просечната старосна пензија пораснала од 22.858 на 29.663 денари, што претставува зголемување за 6.805 денари за приближно ист временски интервал.

„6.805 ÷ 540 = 12,6 пати поголем раст на просечната старосна пензија“, наведува Стојаноски.

Тој укажа дека за приближно ист период од две години, разликата во динамиката на растот на старосните пензии е драстична и изнесува 6.805 денари во однос на 540 денари од претходниот период.

„Тоа е разликата што ја покажуваат бројките“, напиша Стојаноски.

Стојаноски дополнително најави дека во следната анализа ќе објави целосна компарација на растот на пензиите во целиот седумгодишен период на претходната власт во однос на првите две години од актуелното управување на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери.