Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, во Ашафенбург оствари официјална работна средба со менаџментот на компанијата Џојсон Сејфти Системс. Станува збор за глобален инвеститор кој веќе има активни производствени капацитети во рамките на ТИРЗ Кичево.

За време на разговорите беа детално анализирани досегашната меѓусебна соработка, тековните производствени процеси на фабриката и потенцијалите за нејзин понатамошен развој. Во фокусот на средбата беа насоките за продлабочување на воспоставеното партнерство и конкретните можности за проширување на странската инвестиција на локацијата во Кичево.

Првиот човек на ТИРЗ подвлече дека улогата на мултинационалните компании е од клучно значење за севкупниот напредок на домашната економија. Тој истакна дека посветеноста кон постојните инвеститори има еднаква тежина како и привлекувањето нов странски капитал, со цел да се обезбеди технолошки напредок и нови работни места.

Оваа работна посета претставува дел од редовната комуникација со странските компании, насочена кон прецизно утврдување на нивните идни развојни планови и градење долгорочна економска стабилност.