Илинденските празнувања на Мечкин Камен симболично почнаа со пристигнувањето на коњаницата и со положување цвеќе пред споменикот на илинденците. На манифестацијата, која годинава се одбележа под слоганот „Нашата сила за иднината“ присуствуваа претставници на владата предводени од премиерот Димитар Ковачевски, делегации и граѓани.

Официјалниот дел од прославата почна со интонирањето на државната химна од страна оперската певица Весна Ѓиновска Илкова, во придружба на Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија. Потоа следеше обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски кој нагласи дека Илинден е длабоко врежан во нашиот код. Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови. Не руши!

Во духот на сплотеноста и вековниот стремеж за демократска и просперитетна заедничка татковина, на Мечкин Камен прозвучеа фолклорното друштво „Студио Фолклор-Скопје“, „Влашки хор-Крушево“, Национална установа – Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, а настапуваа и Национална установа – Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ како и Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.

Прославата на големиот државен празник Илинден под слоганот „Нашата сила за иднината“ годинава традиционално се одржа на повеќе локации, во Скопје, Пелинце, Крушево и во Смилево, во организација и координација на Владата на Република Северна Македонија.

Годинава за првпат по пауза од 18 години Илинден се одбележа со македонски претставници и во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Претседателот Стево Пендаровски, кој присуствуваше во Прохор Пчински, положи венец со цвеќе на спомен-плочата на АСНОМ, поставена во манастирскиот комплекс, а кое местото каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.