Северна Кореја го прогласи шефот на швајцарското дипломатско претставништво Силвен Астје за непожелна личност и му даде рок од 48 часа да ја напушти земјата. Официјален Пјонгјанг побара и целосно затворање на дипломатското претставништво на Швајцарија поради воведените санкции против детскиот камп „Сонгдовон“.

Дипломатскиот инцидент следи откако швајцарското претставништво во Пјонгјанг повторно започна со работа во октомври, по паузата предизвикана од пандемијата. Швајцарскиот дипломат бил повикан во севернокорејското Министерство за надворешни работи, каде што му била врачена официјалната нота, при што властите ја оценија одлуката на Берн како отворен непријателски чин.

Кампот се наоѓа во крајбрежниот град Вонсан и прима деца од повеќе земји, вклучително и од Русија. Европската Унија го стави објектот под санкции во септември, додека Швајцарија се приклучи кон рестриктивните мерки во ноември. Според официјалното образложение на Советот на Европската Унија, кампот учествувал во организирани програми за префрлање украински деца од териториите под руска окупација, во координација со структури поврзани со Москва.

Под називот „културна размена“, децата, според тврдењата на европските власти, биле изложувани на проруска пропаганда и на идеолошко превоспитување, како и на активности со елементи на воена обука со цел присилна асимилација. Од друга страна, Пјонгјанг категорично ги брани програмите како дел од легитимната соработка со Руската Федерација, додека сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, упати остри критики кон швајцарските власти за водење политика на двојни стандарди.

„Навистина се сомневам што можеме да добиеме од односите со Берн, кој, следејќи ги Лондон и Брисел, ги негира суверенитетот на КНДР, слободите и правата на нашиот народ“, наведе Ким Јо Џонг.

Швајцарското Министерство за надворешни работи порача дека дипломатското присуство и санкциите претставуваат одделни прашања. Властите во Берн остануваат на ставот дека треба да се одржува активен дијалог дури и со оние држави со кои постојат сериозни политички несогласувања.