Педесет и една пратеничка од актуелниот собраниски состав, министерки, поранешни пратенички, но и нивните машки колеги, како и претставници на дипломатскиот кор, ја наполнија големата собраниска сала за да бидат дел од првата свечена седница посветена на родовата еднаквост.
Пратениците едногласно гласаа дека мора да се подобри родовата структура во законодавната, извршната и во локалната власт. Се обврзаа на донесување нов, како што го нарекоа, „родово сензитивен Деловник“ до крајот на годината, на формирање посебен Секретаријат и на „регулирање на интернет просторот за спречување на говорот на омраза“.
Жените во Парламентот укажаа дека во овие 20 години, колку што постои Клубот на пратенички, направено е многу за подобрување на состојбите, но сè уште има отворен простор да се направи повеќе.