И оваа година Град Скопје и Здружението на риболовци, спортско-рекреативниот клуб Рибар 2011 спроведоа порибување на водите и езерата во Скопје. Овој проект е финансиран од Град Скопје, преку јавниот повик кој е дел од Програмата за општа туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите во градот Скопје за 2021 година
-Минатата недела во водите на реките Вардар и Треска, како и во езерцата во Градскиот парк, беа пуштени 560 килограми крап и 285 килограми македонска пастрмка (Salmo macedonicus, Karaman, 1924). Целта на проектот е да се овозможи заштита на македонската пастрмка и зголемување на бројноста на популацијата во реките Треска и Вардар, како и во езерцата во Градскиот парк во Скопје, соопштија од град Скопје.
Од таму додаваат дека проектот ќе придонесе за заштита на македонската пастрмка како дел од богатото природно наследство, збогатување на туристичката атракција преку развој и промовирање на високо квалитетен рекреативен и спортски риболов, подигање на свеста кај јавноста, зајакнување на улогата на туризмот и учество на заедницата во туристичките активности со цел да се воспостави економски возможен, одржлив и локално базиран еколошки туризам.