„Бистро-Матно“ продолжува со месечно следење на корупцијата

Транспаренси Интернешнл-Македонија ја продолжува својата редовна месечна анализа на случаи поврзани со корупција и интегритет, преку иницијативата „Бистро-Матно“.

Од организацијата истакнуваат дека ова следење со години прераснало во значаен индикатор за состојбите во институциите и нивната подготвеност да се справуваат со коруптивни ризици, како и за зголемување на јавната свест.

Позитивни примери: Поголема транспарентност и активни граѓански иницијативи

Во категоријата „бистри“ настани се издвојува работата на Основниот кривичен суд Скопје, ко објавил податоци за својата работа во првиот квартал од 2026 година, со што се зголемува транспарентноста. Според објавените информации, судот решил значителен дел од предметите и го намалил заостатокот.

Како позитивен пример се наведува и иницијативата на Граѓанската организација „Еко правда”, која покрена онлајн петиција против законски измени што, според нив, може да имаат негативни последици врз јавниот интерес и животната средина.

Воедно, надлежните институции отвориле истрага против две лица осомничени за примање поткуп, што претставува чекор кон санкционирање на коруптивните практики.

Мониторингот на Транспаренси Интернешнл-Македонија укажува дека, и покрај одредени позитивни поместувања, остануваат сериозни предизвици во борбата против корупцијата, особено во делот на практичната примена на законите и зајакнување на довербата во институциите.

Транспаренси Интернешнл-Македонија е невладина организација која работи на следење, анализа и спречување на корупцијата, како и на унапредување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во институциите во земјата.