Евростат: Македонија е во европскиот врв според бројот на работни часови
Македонија се најде меѓу земјите со најдолга работна недела во Европа, покажуваат најновите податоци на Евростат, објавени од „Еуроњуз“. Просечната работна недела во земјава изнесува 39,5 часа, што е речиси четири часа повеќе од просекот на Европската Унија, кој е 35,9 часа.
Според рангирањето, само четири држави имаат подолга работна недела од Македонија. На врвот е Турција со 42,4 часа неделно, пред Босна и Херцеговина со 40,9 часа, Србија со 40,6 часа и Грција со 39,6 часа.
Веднаш зад Македонија се Полска и Бугарија, каде просечно се работи по 38,7 часа неделно.
Експертите посочуваат дека поголемиот број работни часови не значи автоматски и поголема продуктивност. Врз должината на работната недела влијаат повеќе фактори, меѓу кои економската структура, работничките права, синдикалното организирање и распространетоста на работата со скратено работно време.
Холандија има најкратка работна недела
На спротивниот крај од листата е Холандија, каде вработените во просек работат 31,9 часа неделно.
По неа следуваат Германија, Норвешка и Данска со по 33,9 часа, додека помалку од 35 часа неделно работат и граѓаните на Австрија, Белгија и Финска.
Анализите покажуваат дека една од главните причини за пократката работна недела во Холандија е големиот број вработени со скратено работно време. Речиси 43 проценти од работниците во оваа земја имаат ваков ангажман, што е највисок удел во Европската Унија.
Кај четирите најголеми економии во ЕУ, Германија има најкратка работна недела со 33,9 часа. Во Франција просекот изнесува 35,6 часа, во Италија 36,1 час, а во Шпанија 36,3 часа неделно.
Земјоделците работат најмногу часови
Податоците на Евростат покажуваат дека најдолга работна недела на ниво на ЕУ имаат вработените во земјоделството, шумарството и рибарството, со просек од 42 часа неделно.
Потоа следуваат менаџерите со 40,6 часа и припадниците на вооружените сили со 39,4 часа неделно.
Најмал број работни часови, пак, бележат административните службеници, услужните работници и лицата вработени во основните занимања.
Истражувачите наведуваат дека разликите меѓу европските земји најчесто се должат на влијанието на синдикатите, колективните договори, бројот на лица што работат со скратено работно време, уделот на самовработени и структурата на националните економии.
Листата покажува дека земјите од Северна и Западна Европа генерално имаат пократки работни недели, додека во Источна и Југоисточна Европа работниците поминуваат повеќе време на своите работни места.
