Во интервјуто Рама ја истакна својата забелешка за терминот „мини“, со образложение дека таквата идеја  не е воопшто мала, туку е мошне голема работа за Западен Балкан.

-Не ми се допаѓа тоа „мини“. Тоа е голема работа за нас. Повеќе го сакам зборот „регионален Шенген“, што значи простор во кој сите можеме да ги примениме четирите европски слободи, а во меѓувреме, сите поединечно да имаме свој пат во насока на Европска интеграција. Не смееме да дозволиме овој неверојатен потенцијал на овој регион да не се реализира, бидејќи ако ги срушиме sидовите меѓу нас, во форма на нетарифни бариери и разни други пречки и создаваме многу поголем простор за движење и соработка меѓу луѓето, секако дека секој ќе има профит и иднината ќе биде подобра, вели Рама.

Коментирајќи ги гласините за „Голема Албанија“, Рама рече дека тој не познава никого кој ја поддржува таква идеја, додавајќи дека таа никогаш не постоела ниту во албанскиот јазик, ниту во учебниците и оти таа се родила надвор од Албанија.

-Голема Албанија е израз што потекнува надвор од Албанија и го охрабруваа оние што сакаа да создадат опасно чудовиште, кое, се разбира, би го претставувале опасните Албанци. Голема Албанија е нон-сенс  само по себе, рече Рама.

,И „Голема Србија“ е нешто што секогаш се споменува, но идејата за обединување во рамките на Европската Унија ги надминува етничките поделби, додаде Рама.