Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата земја веќе реагирала на изјавите на српската министерка Снежана Пауновиќ преку Министерството за надворешни работи и порача дека нема да одговара на секоја спорна изјава од Србија со дополнителни политички реакции.

Рама се огласи откако во Албанија се појавија критики од дел од јавноста и политичарите поради тоа што тој лично не реагираше на изјавата на Пауновиќ, која претходно кажа дека, доколку била на местото на Слободан Милошевиќ во 1998 година, „етнички би го исчистила Косово“.

Албанскиот премиер преку објава на социјалната мрежа „Х“ порача дека државата постапила преку надлежните институции, што, според него, е соодветниот начин на реакција.

„Идејата дека секој што има јавен глас, или која било институција или авторитет, мора да реагира на секоја глупост кажана на српски јазик (дури и ако тоа го прават личности чиешто постоење им било познато само на нивните семејства пред да ги изустат тие глупости) открива колку малку самопочит имаат оние кои креваат галама и плачат, барајќи да знаат зошто оваа или оваа личност не одговорила“, напиша Рама.

Тој нагласи дека Албанија реагирала преку министерот за надворешни работи, оценувајќи дека тоа е пристап што ѝ доликува на држава која се почитува себеси.

„Одговоривме преку министерот за надворешни работи, како што и ѝ доликува на држава која се почитува себеси; секој што очекува да се приклучиме на хистеричниот хор секојпат кога некој лудак во Белград ќе каже глупости, дошол на погрешно место“, порача албанскиот премиер.

Рама додаде дека не смета оти секоја изјава од поединци во регионот треба да предизвика официјална реакција од највисоките државни претставници.