Безбедносниот проблем на Западен Балкан можеби не е толку голем како проблемот на Украина, но не е толку мал за да се третира како неважен, изјави албанскиот премиер Еди Рама во Вилнус, каде што се одржува Самитот на НАТО објавија албанските медиуми.

Во разговор со експертот на Европскиот центар на Атлантскиот совет, Рejчел Рико, Рама изрази загриженост за ситуацијата на северот на Косово.

„Ме теши фактот што американскиот претседател Џозеф Бајден ја допре оваа точка во својот говор пред Советот, бидејќи безбедносниот проблем на Западен Балкан денес можеби не е толку голем како проблемот на Украина, но не е толку мал што тоа би се третирало како неважно“, рече Рама.

Според него, она што се случува е навистина вознемирувачко, особено во последно време, кога, како што вели, северот на Косово станал фокусна точка каде што опасноста од конфликт станува се повидлива.

„Додека дијалогот што го води ЕУ се однесува на двете страни, Белград и Приштина, има и трета страна која се однесува на создавање екстремни групи на северот на Косово“, тврди Рама.

Тој претходно изјави дека е сосема природно Албанија да инвестира повеќе во одбраната, како директна последица на она што се случува во Украина.

„Мислам дека постои намера да продолжиме да даваме поддршка за Украина без двоумење и се чини дека сите се решени да инвестираат повеќе во одбраната, што е и директен ефект од она што се случува во Украина.

Тоа е многу природно за нас, бидејќи на потешкиот начин научивме за вредностите како слободата и демократијата во животот на една земја. Бевме лишени од нив толку многу години и на најбруталниот начин кој било кога е виден во комунистичката империја“, рече Рама.