-Европската дипломатија ги нема искористено сите формални и неформални алатки кон Софија за да се крене ветото, а уште еден неповолен момент е отсуството на класичен лидер на унијата по заминувањето на Меркел.

Политикологот Иво Ранѓеловиќ смета дека Шолц не е ни од далеку фигура која може да се наметне како гарант на спорот Македонија-Бугарија, а Макрон е дискредитиран бидејќи токму тој е иницијатор на блокадите на Македонија.

Позади ветото од Софија стои и волја за политички пазар, вели Ранѓеловиќ, и Бугарија ја користи ситуацијата за да исцрпи се што може од ЕУ во компензација за кревање на ветото.

Во овие моменти е клучна улогата на и на опозицијата, едноставно не постои друго решение освен сите партии да се издигнат над партискиот интерес и сплотено да пристапат кон овој процес, макар тоа биле и црвени линии или повлекување од самите преговори, додава Ранѓеловиќ за Лидер.

Лидер: Дали европската дипломатија направи се за Бугарија да го тргне ветото?

-Европската дипломатија ги нема искористено сите формални и неформални алатки кон Софија, односно кревање на ветото, кои ги нуди методологијата на нејзиното функционирање. Уште еден неповолен момент е отсуството на класичен лидер на унијата по заминувањето на Ангела Меркел. Имено, господинот Шолц ни од далеку не е фигура во Европската политика која може да се наметне како гарант на спорот, додека господинот Макрон е дискредитиран во својот поход кон решавање на спорот бидејќи тој е иницијатор на блокадите на Македонија кон ЕУ (Бугарското вето доаѓа по Француското). Сума сумарум, ЕУ е жртва на сопствениот систем кој дозволува Брисел да биде заложник на Софија, а Македонија е фактичката колатерала.

Лидер: Со поставувањето на нови барања се чини дека Бугарија ја “користи” Македонија како алатка и ја условува ЕУ за исполнување на сопствените потреби. Каква игра “игра” Бугарија?

-Одамна сметам дека покрај интересите на други држави позади ветото од Софија стои и воља за политички пазар. Во суштина политичката елита, дури и јавноста, во Бугарија се свесни дека битката за Македонија (што и да значи тоа) е одамна загубена. Но, тоа не значи дека Софија не мора да ја користи ситуацијата за да исцрпи се што може од ЕУ во компензација за кревање на ветото. Тука нема ништо политички некоректно, освен што е стратешки погрешно да газите преку соседот, бидејќи тој секогаш ќе биде до вас. Дополнително, ситуацијата во Украина го усложнува патот за кревање на ветото во смисла дека моментално во Бугарија се води “гола војна” за преземање на власта помеѓу партиите поддржани од Москва и оние поддржани од Западот. Каква и да е разврската, дирекно ќе влијае врз исходот за ветото.

Лидер: Каква е улогата на опозицијата кон процесот на евроинтеграции ? Дали таа го помага или одмага целиот процес?

-Од круцијална важност е конструктивноста на опозицијата во вакви моменти, особено ако истата поентира во некаков консензус. Тоа всушност се случи во Бугарија со изгласувањето на декларацијата, која е и правен столб на ветото. Секој судир помеѓу власта и опозицијата во Македонија на тема Бугарија оди во прилог на официјална Софија, додека времето работи против интегративниот процес. Едноставно не постои друго решение освен сите партии да се издигнат над партискиот интерес и сплотено да пристапат кон овој процес, макар тоа биле и црвени линии или повлекување од самите преговори.