Интерпелацијата за министерот на МВР во фокусот на Собранието

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, на денешната собраниска седница се осврна на интерпелацијата поднесена од опозицијата за министерот за внатрешни работи.

Тој праша зошто се бара смена на министер кој, како што рече, работи посветено, покажува резултати и е отчетен пред јавноста.

„Дали треба да се напаѓа човекот кој се бори да ја направи државата побезбедна, а криминалците понервозни“, изјави Сајкоски.

Разбиени криминални групи и запленета дрога

Сајкоски посочи дека во изминатиот период биле разбиени 30 организирани криминални групи, од кои најголем дел биле од областа на трговијата со дрога.

Според него, сузбиени биле и 11 организирани криминални групи кои вршеле меѓународен транспорт.

Тој додаде дека биле откриени над 1.600 кривични дела, за кои кривично биле пријавени 1.900 сторители, а биле запленети 6,2 тони разновидна наркотична дрога.

Сајкоски истакна и дека биле запленети 300 проценти повеќе кокаин во споредба со периодот на претходната власт, како и дека заплената на оружје била зголемена за 60 проценти.

Реконструкција на управните служби

Во обраќањето, Сајкоски рече дека министерот Панче Тошковски наследил сериозни проблеми во институциите, меѓу кои и состојбата со патните исправи.

Тој нагласи дека управните служби, кои претходно биле во лоша состојба, денес се реконструирани, модернизирани и, како што рече, европски.

Сајкоски посочи дека биле отворени нови управни служби во повеќе места, меѓу кои Шуто Оризари, Сарај, Липково, Желино и Долнени, а најави и отворање ново полициско училиште, кое било затворено пред 26 години.