Претседателот на СНСД, Милорад Додик денеска во Бања Лука изјави дека единствениот успех на состанокот во Брисел, е, што е направен политички и начелен договор, околу тоа што во Босна и Херцеговина треба да се случува по изборите.
Во Брисел беше усвоен документот на Европската унија за принципите за обезбедување функционална држава Босна и Херцеговина.
Почетниот документ не одговара на тоа до што се дојде на крајот, истакна Додик, сите корекции биле вршени на барање на Република Српска.
Како што тој нагласи, на состанокот ништо не е потпишано, но, прифатени биле ставовите соопштени денеска.
– Ние сфативме дека тоа е обид на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, да дојде до документ, што може да биде искористен за седницата на Советот на Европа месецов, каде ќе се разговара за забрзано давање статус кандидат на некои земји, меѓу нив и Украина, појасни Додик на прес-конференцијата.
Според него, на таа седница, Босна и Херцеговина треба да биде поставена како земја што треба да добие кандидатски статус. Тоа, според Додик, би била драматична разлика во однос на досегашните 14 приоритети што Босна и Херцеговина треба да ги исполни.
Додик изјави дека документот, презентиран на почетокот од состанокот, го пишувале, според неговите зборови, муслимани од канцеларијата на Европската Комисија во Сараево.
Неговиот колега од Претседателството, Жељко Комшиќ бил најнервозен, тврди Додик.
– И најлош. Овој документ е негов целосен пораз. Знаеме дека бега од приказната за конститутивноста и во тој документ тоа го има. Забелешките што ги побаравме беа општо прифатени. Таму пишува дека се прифаќаат одлуките на странските и домашни судови, но, исфрлен е Уставниот суд, додаде тој.
Додик го повика Европскиот Совет, по состанокот во Брисел, што порано да ѝ даде кандидатски статус на Босна и Херцеговина за Европската Унија.
Тој го коментираше и потегот на лидерот на ПДП, Бранислав Бореновиќ.
– Бореновиќ таму направи целосен фијаско за него и РС. Слушнавме дека опозицијата на ФБиХ го поддржува Бореновиќ како разумен. Тој не заслужува да го коментирам, но, се покажа дека не беше подготвен на заеднички став од РС, подвлече Додик.
Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ наведе дека договорот на парламентарните партии за принципите за обезбедување функционална БиХ со помош на раководството на Европската Унија, е важен чекор кон кандидатскиот статус за земјата.
„Напредокот кон членство во ЕУ е желба на мнозинството жители на БиХ, како и единствен пат кон трајна стабилизација и напредок на БиХ и целиот регион. Во тешки политички околности, големото мнозинство лидери на парламентарните партии покажа одговорност и на прво место го стави интересот на граѓаните“, пишува Турковиќ на ФБ.
Таа е уверена дека Европската Унија ќе го препознае тоа и многу бргу ќе го одобри кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина.
-Тоа може да биде силен поттик за реформи и порака до граѓаните кому да ја доверат својата и иднината на нивните деца, смета министерката.
Потпретседателот на СДП и кандидат за член на Претседателството од РС, Војин Мијатовиќ на Фејсбук напиша дека репрезентацијата на БиХ во Брисел ја покажала вистинската слика за состојбата во Босна и Херцеговина.
-Во Брисел ништо ново. Додик, неговата коалиција и неговата опозиција покажаа дека руските играчи се во БиХ. Човиќ покажа дека дека е нарушувачки фактор и руски играч. За жал, вчера „политичките лидери“ ѝ дадоа уште еден тон причини на ЕУ никогаш да не станеме дел од европското семејство, пишува Мијатовиќ.
Според него, „меѓу Додик и неговата опозиција нема разлика, тие подеднакво не ја сакаат БиХ и имаат иста желба – РС да стане руска покраина“.