Стапката на невработеност во Шпанија во вториот квартал од годинава се намалила на 9,87 проценти, што е најниско ниво од 2008 година. Падот се должи на силното сезонско вработување, при што меѓу април и јуни биле отворени 486.000 нови работни места.
Според податоците на Шпанскиот национален институт за статистика, бројот на вработени достигнал 22,779 милиони, додека бројот на невработени се намалил за 213.300 лица. Со тоа, стапката на невработеност паднала под десет проценти, објави „Еуроњуз“.
Растот на вработеноста се совпаднал со почетокот на летната сезона, која традиционално носи повеќе работни места, особено во услужниот сектор. Истовремено, бројот на економски активни лица се зголемил за 272.700 и достигнал рекордни 25,27 милиони.
Најмногу нови работни места биле создадени во услужниот сектор, пред сè поради туристичката сезона. Раст на вработеноста бил забележан и во градежништвото и индустријата, додека земјоделството било единствениот сектор со пад на бројот на вработени.
Каталонија го забележала најголемиот апсолутен раст на вработеноста, додека Балеарските Острови имале највисок процентен раст.
