Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации, Антонио Гутереш, повторно упати апел за спроведување на решението со две држави на Блискиот Исток.

„Единствениот одржлив пат кон мирот на Блискиот Исток е решението со две држави, при што Израел и Палестина ќе живеат еден до друг во мир и безбедност“, напиша Гутереш на социјалната мрежа Икс.

Неговите пораки доаѓаат во период кога Обединетите нации го одбележуваат Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ.

„Палестинскиот народ има право на достоинство, правда и самоопределување“, напиша Гутереш.

Тој потенцираше дека светската организација нема да отстапи од своите заложби за изнаоѓање трајно решение за конфликтот.

„Нема да отстапиме од нашата посветеност кон единствениот одржлив пат напред: решението со две држави, со две независни, суверени, демократски држави – Израел и Палестина – кои живеат една до друга во мир и безбедност“, изјави тој.

Во меѓувреме, според извештаите на израелските медиуми, еден Палестинец загинал во текот на ноќта во населбата Мадама на Западниот Брег, откако биле фрлани камења кон израелската војска. За време на овој судир бил повреден и еден офицер на израелските одбранбени сили.

Состојбата на Западниот Брег бележи значително влошување по нападите врз Израел предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година и воениот конфликт во Газа што уследи потоа.

Податоците на палестинското Министерство за здравство покажуваат дека оттогаш се убиени повеќе од 1.100 Палестинци при израелски воени операции, вооружени пресметки и напади.

Палестинските власти и извештаите исто така укажуваат дека значително е зголемено насилството од страна на радикалните израелски доселеници насочено кон Палестинците и нивниот имот.