Рот во него кажува дека промените на границите нема да решат никаков проблем на Балканот, туку само ќе отворат нови конфликти.
-Нешто такво би било крајно опасно и би се заканувало повторно да ја отвори Пандорината кутија со потенцијал за нов конфликт. Не мора да бидете пророк за да го кажете тоа. Сегашноста и иднината на Западен Балкан лежат во помирувањето, тесната регионална соработка и конечното отстапување од национализмот и реваншизмот, рече тој.
Рот нагласи дека земјите од регионот треба да останат дом на мултирелигиски и мултиетнички општества.
Тој коментарот го даде по повод наводниот таен документ (нон-пејпер) објавен од словенечкиот портал „нецензурирано.си“, со кој неидентификувани автори предлагаат поделба на БиХ и воспоставување на голема Србија и голема Албанија. Авторството на овој документ медиумите му го припишуваа на словенечкиот премиер Јанез Јанша, што тој решително го демантираше, а досега никој не докажа дали документот е автентичен и за кого можел да биде наменет.
Водечкиот германски дипломат одговорен за Европа истакна дека словенечката Влада јасно се дистанцираше од таквиот документ и сите „мечтаења“ за промена на границите, затоа што не може да биде во ничиј интерес во Европа, особено со оглед на трагедијата предизвикана од војните во поранешна Југославија.
Рот експлицитно изјави дека нема сили во Европската унија што би се залагале за прекројување на границите.