Русија воведува рестрикции за користење Телеграм
Руските власти започнаа со ограничување на пристапот до Telegram, една од најпопуларните социјални апликации во земјата, во рамки на пошироката стратегија за насочување на граѓаните кон државно контролирани алтернативи, пренесува Си-ен-ен.
Обвинувања за непочитување на законот
Владата соопшти дека мерката се спроведува со цел „заштита на руските граѓани“, обвинувајќи ја платформата дека одбива да блокира содржини што властите ги сметаат за „криминални и терористички“. Регулаторот Roskomnadzor најави дека рестрикциите ќе останат во сила сè додека, како што наведува, не бидат отстранети прекршувањата на руското законодавство. Од таму тврдат дека личните податоци не се доволно заштитени и дека нема ефикасни механизми за спречување злоупотреби, додека од Telegram ги отфрлаат овие наводи и посочуваат дека активно се борат против штетни содржини.
Државната новинска агенција TASS објави дека платформата се соочува со казни во висина од 64 милиони рубљи, односно околу 828.000 долари, поради наводно одбивање да отстрани забранета содржина и недоволна саморегулација.
Масовни прекини и реакции
По стапувањето во сила на мерките, корисници ширум Русија пријавија сериозни пречки во функционирањето на апликацијата. Според податоците на платформата Downdetector, во изминатите 24 часа биле регистрирани повеќе од 11.000 поплаки за прекин или забавена работа на сервисот.
Telegram има широка употреба во Русија – од обични граѓани, до припадници на војската, високи функционери, државни медиуми, па дури и институции како Кремљ и самиот Roskomnadzor.
Основачот на апликацијата, Павел Дуров, порача дека обидот за ограничување ќе биде неуспешен, истакнувајќи дека Telegram се залага за слобода на говор и приватност „без оглед на притисоците“. Тој оцени дека целта е граѓаните да бидат пренасочени кон државно контролирана апликација наменета за надзор и политичка цензура, потсетувајќи дека сличен обид во Иран пред осум години не успеал.
Државната алтернатива „Max“
Во Русија, алтернативата е апликацијата Max, која државата наложи да биде претходно инсталирана на сите нови смартфони и таблети што се продаваат во земјата. Преку неа корисниците можат да разменуваат пораки, да испраќаат пари и да вршат аудио и видео повици.
Интересен пресврт е тоа што Max е развиена од компанијата VKontakte, чиј коосновач бил токму Дуров, пред да ги продаде своите акции и да ја напушти Русија во 2014 година, откако, како што тврдеше, Кремљ побарал податоци за украински корисници. Денес VK е во државна сопственост.
Ова не е прв обид на руските власти да го ограничат Telegram. Претходно, во 2018 година, беа направени слични чекори, а во август годинава Roskomnadzor најави делумни ограничувања за повици преку Telegram и WhatsApp, наведувајќи злоупотреби поврзани со измами и саботажи.
Експертот Адам Сигал од Советот за надворешни односи оценува дека Русија со години се обидува да воспостави построга контрола врз интернет-просторот, проучувајќи го и кинескиот модел на дигитална контрола. Сепак, според него, техничките ограничувања и внатрешниот притисок ќе продолжат да претставуваат предизвик, а дел од корисниците и натаму ќе пристапуваат до апликацијата преку VPN и други алтернативни решенија.
