Индија, денес забележа 379.257 нови случаи на зараза со Ковид-19 и 3.645 смртни случаи, објави индиското Министерство за здравство. Ова е најсмртоносниот ден досега забележан во земја погодена од пандемијата на вирусот.
Амбасадата на САД ги предупреди своите граѓани дека „пристапот до сите видови на медицинска нега станува драстично ограничен“.
Ова е највисоко ниво на предупредување што Стејт департментот на САД им го издава на своите граѓани кои се во странство.
Вкупниот број на смртни случаи од ковид-19 во средата официјално надмина 200.000, иако се стравува дека вистинската бројка може да биде многу поголема.
Во предупредувањето испратено до американските граѓани се наведува дека треба да ја напуштат Индија веднаш штом ќе се отвори таквата можност.
– Американските граѓани кои сакаат да ја напуштат Индија треба да го искористат достапниот комерцијален превоз, се вели во предупредувањето.
Стејт департментот наведува дека некои нивни граѓани исто така биле спречени да влезат во болници поради недостаток на простор.
Претходно денска САД соопшти дека ќе испратат во Индија залихи од повеќе од 100 милиони долари за да и помогнат во борбата против епидемијата со Ковид-19.
– САД ќе испратат повеќе од 1.000 боци за кислород, единици за производство на кислород, 15 милиони маски N95, милион брзи дијагностички тестови и друга опрема што им е потребна на индиските болници, се вели во соопштението. Најавено е и испраќање на милиони вакцини.