САД им порачаа на своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија поради војната во Украина, бидејќи им се заканува некој вид одмазда, односно агенциите за спроведување на законите во таа земја може неоправдано да ги приведат или вознемируваат.

„Американските граѓани кои живеат во Русија треба веднаш да ја напуштат таа земја. Бидете особено внимателни од произволни апсења. Не патувајте во Русија“, се вели во соопштението на Американската амбасада во Москва, а пренесува „Гардијан“.

САД постојано ги предупредуваа Американците да ја напуштат Русија. Последното вакво официјално предупредување беше издадено во септември минатата година, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација.

„Руските безбедносни служби уапсија американски државјани врз основа на лажни обвиненија, ги приведоа и вознемируваа, им ускратија фер и транспарентен третман и ги осудуваа во тајни судски процеси или без приложување веродостојни докази“, соопшти амбасадата.