Привремено решение со „писмо на утеха“ го спречи ризикот од енергетска блокада

Германската влада доби официјално уверување од Вашингтон дека најновите американски санкции кон рускиот нафтен сектор нема да ја опфатат германската подружница на „Росњефт“, компанија што е под државен надзор уште од 2022 година.

Портпаролот на министерката за економија Катарина Рајхе изјави дека меѓу Германија и САД е договорено привремено решение во форма на т.н. „писмо на утеха“, кое ќе важи додека не се изготват правно обврзувачки гаранции.

„Работиме заедно со американските власти на детални насоки кои наскоро ќе бидат официјализирани“, рече портпаролот, пренесува ДПА.

Според германскиот деловен весник Ханделсблат, изземањето било клучно за стабилноста на енергетското снабдување. Без него, рафинеријата ПЦК Шведт, во која „Росњефт Дојчланд“ има 54% сопственост, можела да биде приморана да ги стопира сите операции и да поднесе барање за стечај, бидејќи банките веднаш се повлекле од работењето со неа по објавувањето на санкциите.

ПЦК Шведт се наоѓа североисточно од Берлин и обезбедува гориво и енергенси за целиот регион, вклучително и главниот град, па евентуален застој би предизвикал сериозни последици за снабдувањето.

Германија го презеде управувањето со подружниците на „Росњефт“ по почетокот на руската инвазија на Украина, во февруари 2022 година, за да ја гарантира енергетската сигурност.

Американските санкции, објавени минатата недела, ги таргетираат сите економски односи со „Росњефт“, „Лукоил“ и нивните партнери. Тие се однесуваат не само на американски компании, туку и на странски субјекти што работат со санкционираните фирми. Компаниите во кои тие имаат над 50% удел автоматски се сметаат за блокирани.