Иран ги прекина нападите врз соседните земји од Персискиот Залив откако САД вторa ноќ по ред не извршија бомбардирања врз иранска територија. Од иранската војска соопштија дека одлуката е донесена затоа што стратегијата на Техеран главно се темели на одмазднички операции, додека американски медиуми објавија дека Вашингтон е загрижен поради намалувањето на резервите на муниција и противвоздушни ракети.
„Во текот на изминатите две ноќи, Американците ги прекинаа своите напади. Бидејќи нашата стратегија главно се базира на одмазда, ние исто така ги прекинавме нашите операции“, рече армискиот портпарол Мохамад Акрамијан во интервју за државната телевизија.
Изминатата ноќ не биле пријавени американски бомбардирања во Иран, што претставува втора последователна ноќ на затишје во непријателствата. Дел од американските медиуми објавија дека можен недостиг на муниција по речиси пет месеци војна е една од главните причини за паузирањето на нападите.
„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на два извора запознаени со прашањето, објави дека американската влада е загрижена поради намалувањето на залихите на пресретнувачи за системите „Патриот“ и на друга одбранбена опрема што се користи за заштита на регионалните сојузници на САД. Тие земји беа нападнати од Иран како одговор на американските операции.
Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извор од Министерството за одбрана, исто така објави дека воените операции против Иран се „паузирани“, наведувајќи ги истите причини.
Според „Њујорк тајмс“, американскиот претседател Доналд Трамп ги запрел плановите за значително проширување на воените операции против Иран поради загриженоста дека резервите на американски проектили за противвоздушна одбрана брзо се намалуваат. Одлуката, според весникот, била донесена по состанокот што Трамп го одржал во петокот со високи советници, членови на администрацијата и потпретседателот Џеј Ди Венс.
Воените функционери предупредиле дека продолжувањето на големите борбени операции би можело сериозно да ги исцрпи резервите на пресретнувачи за системите „Патриот“, како и другата муниција потребна за заштита на американските војници и бази на Блискиот Исток.
Администрацијата на Трамп, според весникот, стравува и дека нова ескалација би можела да предизвика посилен одговор од Иран, да ги оддалечи сојузниците во земјите од Заливот и дополнително да ги влоши глобалните енергетски и бегалски кризи.
Одлуката доаѓа по повеќенеделни воени судири и дипломатски напори на посредниците да пронајдат пат кон деескалација.
