Нови закани за физичко насилство се упатени кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, преку коментар објавен под видео на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, а политички партии и новинарски здруженија побараа итна реакција од МВР и Јавното обвинителство.

Во коментарот објавен на социјалните мрежи, еден корисник напишал: „Ај бе преку таквото со тој Видиновски… Што направил корисно, што снимал ѓубре?! […] само газење.“

По објавувањето на заканата следуваа реакции во кои се оценува дека повиците за насилство кон новинари претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

Од ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудија заканите кон Видиновски, нагласувајќи дека во демократско општество новинарите мора да можат слободно и без страв да ја извршуваат својата работа.

„Заканите, говорот што поттикнува насилство и повиците за физичка пресметка се целосно неприфатливи и претставуваат директен удар врз слободата на медиумите и правото на информирање“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата ги повикаа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство без одлагање да ги идентификуваат лицата што упатуваат вакви закани и да преземат соодветни законски мерки.

„Секој што повикува на насилство мора да сноси одговорност, без разлика на неговата политичка или која било друга припадност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Заканите ги осуди и Либерално-демократската партија, од каде предупредија дека ваквите случаи не смеат да се релативизираат.

„Заканите кон новинари не се личен конфликт, туку директен напад врз слободата на медиумите и демократскиот поредок“, наведуваат од ЛДП.

Од партијата оценуваат дека говорот на омраза и навредливата политичка комуникација создаваат атмосфера во која насилството станува прифатлив начин за пресметка со неистомислениците.

ЛДП побара надлежните институции итно да ги идентификуваат и санкционираат одговорните за заканите и да обезбедат ефикасна заштита за новинарот Александар Видиновски.