Претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли повика на земјите од Западен Балкан да им се дозволи пристапување кон Европската унија, нарекувајќи го проширувањето „позитивен проект за мир и просперитет“, јави ДПА.
„Проширувањето може да донесе огромни придобивки и за регионот и за Европа како целина и да помогне да се обезбеди стабилен, просперитетен и мирен континент“, изјави Сасоли за „Фанке Медиенгруп“ (Funke Mediengruppe).
Според него, темпото ќе зависи од исполнувањето на пристапните критериуми.
„Сè уште треба да се спроведат реформите во секоја од овие земји“, рече Сасоли, додавајќи дека „Европската унија исто така мора да ги исполни своите ветувања и да го признае напредокот“.
ЕУ веќе води преговори за пристапување во Унијата на Црна Гора и Србија, додека Албанија и С. Македонија се официјални кандидати, а Босна и Херцеговина, како и Косово, се сметаат за потенцијални кандидати за преговори, пишува ДПА.