На брифингот со повеќе медиуми, Николовски посочи дека партијата завршила со истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини, по што се очекува во наредните десетина дена да финишираат постапките во општинските органзиации, а потоа ќе следи и јавно објавување на кандидатите.
Објавата на првите 20-ина кандидати, како што информираше Николовски, е предвидена за 13 јули по одржување на седница на партиското раководство.
СДСМ во изминатиот период го засили присуството на терен, преку маалски средби преку граѓански трибини, под слоганот „Најдоброто“.
СДСМ вели дека ќе ја креираат најдобрата понуда за секоја општина на овие локални избори.
Николовски на брифингот посочи дека СДСМ води со 21,7 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ со 19 отсто, според анкета нарачана од партијата.
-Анкетите наши велат дека СДСМ е фаворит на изборите, имаме поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии, истакна генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на брифинг со новинарите. Според него, ако на тоа се додаде коалицискиот капацитет на СДСМ јасно е дека СДСМ е победник на изборите.
-Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично ќе зависи од договорот. Коалицијата на СДСМ е победник на изборите, порача Николовски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останала нереформирана партија посветена само на блокади и опструкции, додека пак СДСМ ја има најдобрата кадровска и програмска понуда.
– Имаме над 7.000 проекти реализирани во изминатите четири години, од програмите. Направивме и споредба на конкретни резултати, десет години мандат на ВМРО-ДПМНЕ и четири години мандат на СДСМ. СДСМ има повеќе направено за четири години отколку ВМРО-ДПМНЕ за единаесет. И такви примери има многу, од плати, до реални проекти, школи, градинки, патишта, водоводи, канализации. Да не зборуваме за патот по кој чекореше земјава, денеска сме 30-та земја членка на НАТО. Имаме исполнети критериуми за членство во ЕУ и на ред е ЕУ да испорача, вели Николовски.
Според него, досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.