Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, оцени дека актуелното раководство на партијата од првиот ден се соочува со силни притисоци и напади. Според неа, најболно е што тие не доаѓаат од политичките противници, туку од редовите на самата партија.
Кузеска во објава на социјалните мрежи напиша дека ова раководство на СДСМ не добило „ниту еден ден шанса“ и „ниту еден меден месец“, туку од почетокот на мандатот било под постојан оган.
„Вистината е дека ова раководство на СДСМ не доби ниту еден ден шанса. Од првиот ден, во најтешкиот можен контекст, е под постојан оган. И најболно е што сопките не доаѓаат од власта, туку одвнатре“, истакна Кузеска.
Таа потсети на периодот по изборниот пораз на СДСМ, кога, како што рече, партијата останала сама. Кузеска наведе дека и во такви услови СДСМ застанала зад секој човек што се соочил со политички прогон и кривични пријави.
Статусот на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска ви го пренесуваме во целост:
„Вистината е дека ова раководство на СДСМ не доби ниту еден ден шанса. Ниту еден „меден месец“. Од првиот ден, во најтешкиот можен контекст, е под постојан оган.
И што е најболно, сопките не доаѓаат од власта, туку одвнатре. Од луѓе кои наместо да помогнат, работат на тоа да ја ослабат позиција на СДСМ, водени од лични суети или минати сметки.
Сетете се каде бевме не така одамна. Кога СДСМ изгуби, оваа партија беше оставена сама. Буквално сама во калта. И во такви услови, застанавме цврсто зад секој еден човек кој се соочи и со политички прогон и кривични пријави. Притоа, никој не правеше калкулации, застанаа пред јавноста за да одбранат некои кои денес не се ниту тука, а други пак, денес се кријат зад некакви платформи.
И сега, слушнав коментар во стилот: „па двајца-тројца излегувале во јавност да напаѓаат власт“.
Да, точно е! Ама тие двајца-тројца се тие кои без математики и без суета, кога СДСМ беше најслаба, а противникот најсилен, стоеја исправени на нозе и се бореа за партијата!
Каде беа тогаш тие што денес пишуваат платформи?
Не кукаме, ниту ова раководство бара емпатија.
Ова раководство има легитимитет да ја води партијата напред, и секој кој е искрен и навистина ја сака СДСМ силна, сите различни мислења нека ги стават во функција на СДСМ, а не во функција на нејзино уривање. Само тоа е чесно, само така е исправно ако навистина се сака СДСМ!- потенцира во објавата.
