Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ утре ќе одржат седници, потврдија за МИА од партијата. Се очекува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за евентуално приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер Африм Гаши денеска одржа средба.
Од Алтернатива не откриваат детали за исходот од разговорите помеѓу Ковачевски и Гаши и најавуваат дека одлука за натамошното делување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.
Од АА претходно за МИА информираа дека е постигнат договор за нивен влез во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ, пак, посочија дека разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, но штом има нешто во интерес на јавноста ќе информираат официјално.
Според изворите во Алијансата за Албанците, партијата ќе добие и заменици министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што ќе ги добие Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.
Освен со Алтернатива, пред објавување на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, како што информираа партиски извори, Ковачевски ќе одржи средба и со останатите коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на АА во Владата.
Според најавите, по средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.