Македонија има клучен придонес за стабилноста на Западен Балкан

Врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR), генерал Алексус Г. Гринкевич, при денешната посета на касарната „Илинден“ во Скопје порача дека Македонија е цврст и ценет сојузник на Алијансата, кој дава значаен придонес за колективната безбедност.

Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, тој рече дека е горд што е во Македонија и што имал можност одблизу да се увери во нивната подготвеност за изведување борбени дејствија во сложени и динамични услови.

„Земјата игра клучна улога во зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан, регион од стратешко значење за НАТО. Благодарам за повеќе од две и пол децении поддршка на мировната мисија КФОР во Косово каде и натаму имате фундаментална улога за безбедноста на сите заедници“, истакна Гринкевич.

НАТО ќе ја оптимизира мисијата КФОР

Гринкевич соопшти дека, по направената анализа на безбедносната состојба, НАТО ќе започне постепена оптимизација на големината и распоредот на силите во рамките на мировната мисија КФОР.

Осврнувајќи се на одбранбените вложувања, тој нагласи дека Македонија веќе издвојува речиси четири проценти од бруто домашниот производ за одбрана и сродни трошоци, оценувајќи дека тоа претставува значаен придонес кон заедничката цел на Алијансата за достигнување пет проценти до 2035 година.

„Благодарност за примерот кој Македонија го дава на ова поле“, рече Гринкевич.

Поддршка за Украина и уверување за понатамошна соработка

Тој ја поздрави и поддршката што Македонија ѝ ја дава на Украина, вклучително и учеството во НАТО-командата за обука и помош во Висбаден, како и во иницијативите за обезбедување воена помош.

Гринкевич најави дека на претстојниот самит на НАТО во Анкара сојузниците ќе го покажат напредокот во зголемувањето на одбранбените вложувања и продолжувањето на поддршката за Украина, со цел дополнително јакнење на Алијансата.

На крајот од посетата, командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа изрази уверување дека Македонија ќе продолжи да има значајна улога во Алијансата и порача дека земјата може да смета на поддршката од НАТО.