Откако го укори Путин за нападот врз Киев во кој загинаа 12 лица, а десетици беа ранети, Трамп уверува дека врши голем притисок врз Москва и има рок да го склучи мировниот договор. Русија направи голема отстапка за да ја прекине војната во Украина со тоа што не ја зазела целата држава, вели шефот на Белата Куќа.

Во Киев ден на жалост, Зеленски тврди дека во смртоносниот напад била употребена севернокорејска балистичка ракета.

„Ние вршиме голем притисок и Русија го знае тоа, и некои луѓе кои се блиски до неа знаат. Мислам дека сака да се договори, ќе дознаеме наскоро. Но, потребни се двајца за танго. И Украина треба да сака да склучи договор. И тие се многу силно погодени и верувам дека сакаат да склучат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Британскиот премиер Стармер вели дека Украина мора да има целосна автономија во одлучувањето за условите на мировниот договор со Русија, отфрлајќи го предлогот на американскиот претседател Трамп да го признае Крим како руска територија. Русија е подготвена да склучи договор, но постојат одредби за коишто е потребна согласност и Москва работи на тоа, изјави првиот руски дипломат Лавров.

„Претседателот на САД верува, и јас мислам дека се движиме во вистинската насока. Во изјавата на претседателот се споменува договор, и ние сме подготвени да постигнеме договор, но сè уште има некои конкретни точки, елементи од овој договор што треба добро да се усогласат“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Трамп и лидерите на европските држави се согласуваат дека Русија е долгорочна закана за територијата на НАТО, изјави генералниот секретар на алијансата. Руте потенцираше дека е важно трошоците за одбрана на членките да бидат значително повисоки од два процента.

„Јасно е дека со два насто не можеме да ја браниме територијата на НАТО. И ова не се заснова на претпоставка, туку се заснова на внимателно планирање. Знаеме какви се празнините за да ги зачуваме териториите на НАТО, а добрата работа е што трошејќи многу повеќе на канадската и европската страна, ќе се изедначи со она што го плаќаат САД“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

На претстојниот самит на НАТО во Хаг во јуни, можно е да се постигне договор за над три насто од БДП за одбраната, придружена со посебна цел за други расходи поврзани со безбедноста, цивилната одбрана и поддршката за Украина.