Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски беше да направи увид во подготвителните работи. На ова место прво се расчистува теренот, кој се обезбедува со поставување на потребната опрема и механизација, за без проблем да течат работите. Стојкоски посочи дека со овој проект ќе се елиминира горлив проблем за граѓаните.
-Почнавме со зафати за нејзино расчистување и конечно решавање на целиот проблем кој го имавме изминатите години. На овој простор од денеска започнуваат активности за нејзино санирање. Откако ќе заврши санацијата со одлагање на отпадот од оваа локација во депонијата ‘Дрисла’, во соработка со Градот Скопје, ќе пристапиме кон уредување на просторот, како и зазеленување, формирање на паркови површини на овој дел од Ѓорче Петров. Со тоа се надевам дека ќе имаме голем продонес кон функционирањето на месното население кое трпи последици, како и поширокиот дел од Ѓорче Петров. Воедно граѓаните ќе добијат и нова зона за рекреација и место каде што ќе можат да ги поминуваат слободните активности. Оваа активност ја спроведува Ѓорче Петров во соработка со Град Скопје и новиот градоначалник, Данела Арсовска, кажа Стојкоски.
Тој посочи дека депониите треба да се заменат со паркови. Стојкоски посочи дека треба да се продолжи заштитната ограда за да се оневозможи физичкиот пристап на лицата кои одлагаат отпад. Во делот на физичката заштита ќе има чуварска служба, а се планира, зависно од набавките за наредната година, Стојкоски сака да се обезбеди и видео мониторинг, но и зајакнување на капацитетите на инспекциските служби.
„Планираме да бидеме координирани во нашите активности, се со цел за изнаоѓање на функционални, трајни и одржливи решенија. Отпадот ни претставува голем проблем во Ѓорче Петров и другите општини од она што го имам како сознание од колегите градоначалници во другите скопски општини. Ние ќе мораме заедно да изградиме посебна стратегија до конечно решавање на овој проблем”, посочи Стојкоски.
Чистењето на депонијата и уредувањето е во соработка со Град Скопје. На местото каде се чистеше, присутни беа и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, како и претседателката на Советот, Ленче Нелоска.