Заштитна мерка против пожари: нови рестрикции за движење
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) од 1 јули стапува на сила нова забрана за слободно движење низ македонските шуми. Одлуката доаѓа како превентивна мерка поради високите температури и зголемената опасност од шумски пожари – опасност која лани предизвика големи материјални штети низ целата држава.
Според новите правила, движењето во шумските подрачја ќе биде дозволено само на лица кои поседуваат писмена дозвола издадена од ЈП „Македонски шуми“. Ова се однесува за периодот од 1 јули до 31 август – период кој традиционално се смета за најризичен кога станува збор за пожари на отворено.
Засилени контроли и дрон-надзор
За да се обезбеди целосна контрола, ќе бидат засилени патролите на шумочуварите и шумската полиција, а движењата низ шумските појаси ќе се следат и со дронови.
„Целта ни е да знаеме точно кој и кога се движи низ шумите, а преку дроновите ќе можеме да интервенираме навреме доколку има сомнителна активност“, изјави Михаилов од ЈП „Македонски шуми“.
Од таму истакнуваат дека мерката не е наменета за спречување на граѓаните, туку за подобро управување и превенција од катастрофи.
Исклучоци: Кои сè имаат дозвола?
Забраната не се однесува на припадници на:
Министерството за внатрешни работи (МВР),
Центарот за управување со кризи (ЦУК),
Дирекцијата за заштита и спасување,
како и сите други лица кои ќе поседуваат валидна писмена дозвола од „Македонски шуми“.
Извор: МРТ