Седум пожари на отворен простор и натаму се активни низ земјава, додека два се ставени под контрола. Во текот на денот се регистрирани вкупно 17 пожари, од кои осум се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во Општина Ресен, меѓу селата Бела Црква и Подмочани, каде гори борова шума и ниска вегетација. Пожар има и во Општина Сарај, меѓу Копаница и Радуша, каде е зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Активен е и пожарот над село Нежилово во Општина Чашка, во местото викано Сватови, каде гори ниска вегетација и единечни дрвја.
Огнени жаришта има и во село Урвич, Општина Боговиње, каде гори нискостеблеста вегетација, како и над село Палиград во Општина Студеничани, каде е зафатена мешана шума.
Активен пожар има и на патот кон селата Челопек и Стримница во Општина Брвеница, каде гори ниска вегетација, како и во село Драгов Дол во Општина Македонски Брод, каде огнот зафатил ниска вегетација и шума.
Два пожари се ставени под контрола. Едниот е во реонот кај село Трново во Општина Гостивар, со ширење кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Вториот пожар под контрола е во село Копанце во Општина Јегуновце, каде гори мешана шума.
Во текот на денот се изгаснати осум пожари. Тие биле регистрирани во Општина Старо Нагоричане, кај село Челопек, во Општина Тетово, покрај патот Попова Шапка – Бачила 1 Мај, како и во село Милетино во Општина Брвеница.
Пожари се гаснеле и во село Неготино во Општина Врапчиште, меѓу селата Лажани и Кошина во Општина Долнени, во село Ѓавото во Општина Богданци, во местото Ленин Врв кај село Црквинец во Општина Делчево, како и на патот Јурумлери – Илинден во Општина Илинден.
Од ЦУК информираат дека состојбата со пожарите и понатаму се следи.
