Откако ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски дојдоа на власт, сериозно е нарушена безбедносна состојба во земјата. Само во октомври, за неполн месец, имаше 5 инциденти со пукање, а над 25 вооружени инциденти кои се случија во изминатите 4 месеци, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на седницата на пратенички прашања.

– Пред три дена имаше пукање од автоматско оружје во Чаир, пред една недела, исто така имаше пукање на Скопската обиколница, потоа пред две недели, имаше пукање во Чаир, каде што директно беше и помилуваниот наркобос, Барон, кој беше вмешан во тој инцидент. Сето ова е во октомври. Исто така, на почеток на октомври се пукаше во Чаир каде беше повредено 19 годишно момче, а се пукаше и во Арачиново, Батинци, Сингелиќ, на пластичарската улица, имаше пукање и во Тетово, се случи и убиство кај Мавровка, рече Спасовски.

Тој јавно го праша Мицковски, дали по сите овие вооружени инциденти, ќе побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дали ќе поднесе оставка или пак Мицковски ќе поднесе предлог за разрешување на министерот.

– Мицковски како претседател на владата излезе со став дека се подготвува сериозно нарушување на безбедносната состојба во земјата, некаде на есен, од страна на одредени групации и поединци за кој до сега не добивме никаква конкретна информација. Доколку тоа е во истрага нема да се соопшти, но доволно е да се соопшти дека е отворена постапка против тие, затоа што не треба да чекаме да ни се случи дестабилизација на безбедносната состојба, па дури тогаш да реагираме, рече Спасовски.