Полицијата истражува за украдените бронзени бисти – вандализам на културно и меморијално наследство

Скопје е сведок на бран кражби на бронзени бисти и спомен-обележја. Инциденти се регистрирани на неколку локации во градот, вклучувајќи ги гробиштата Бутел, Ѓорче Петров и паркот „Жена борец“.

По три украдени бронзени бисти од гробиштата Бутел минатата недела, на 16 април 2025, во 17:30 часот, во СВР Скопје е пријавена нова кражба на бронзена биста, овојпат од гробиштата во Ѓорче Петров.

„С.А.М. (47) од Скопје пријавила дека од гробиштата во Ѓорче Петров, со употреба на физичка сила, била одземена една бронзена биста“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Исчезна и бронзениот рељеф од „Жена парк“ – целен удар врз културното наследство

Паралелно со овие настани, полицијата води постапка за кражба на спомен-плоча од Споменикот на културата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во паркот „Жена борец“, во срцето на главниот град.

Според полицијата, плочата е отстранета со употреба на физичка сила, а кражбата е веќе пријавена. Од МВР потврдија дека се работи на расчистување на случајот, но засега нема уапсени или осомничени.

Веста за исчезнатиот рељеф ја сподели и уметникот Никола Пијанманов, кој на социјалните мрежи објави:

„Отиде и убавиот бронзен релјеф на уметникот Насо Беќаровски. Во сред центар на метрополата, на неколку десетина метри од Собранието. Отиде во некоја депонија за старо железо.“

Извор: Skopjeinfo