Во рамки на презентацијата, се демонстрираше и вежба за пребарување и спасување на тешко пристапен терен во планински услови.
– Денеска ми беше навистина чест што можев да присуствувам на оваа вежба, што ни покажува колку може армијата да помогне тогаш кога ќе ги има вистинските луѓе, но и вистинската опрема. Денеска би сакала со вас да споделам некои информации, од кои најважната е дека после 25 години, специјалните армиски сили најпосле добиваат целосно нова и навистина модерна, современа алпинистичка опрема, којашто ќе значи навистина голема промена и во поглед на вежбањето, но особено во поглед на користењето на армијата во услови на некакви критични ситуации, кадешто е потребна и алпинистичка опрема, но и алпинистички тимови, што би значеле за заштита и спасување на граѓани или припадници на армијата во еден ваков непристапен терен, изјави Шекеринска.
Таа потенцира дека ова е еден од примерите како со вложување во армијата, добиваме и достојна НАТО армија. Во исто време, додаде, добиваме и тимови, луѓе кои ќе се користат во тешки околности, во тешки ситуации, на тешко пристапни терени, да обезбедат и прва помош, да обезбедат и итна евакуација.
– Со ова, речиси целосно го заокружуваме процесот на основно опремување на армијата. И навистина чекор по чекор покажавме дека ако ти е тоа приоритет, навистина македонската армија може да биде и да личи на вистинска НАТО армија. Ги обезбедивме целосно сите припадници на армијата и со основна униформа и чизми, меѓутоа и во исто време обезбедуваме и спортска опрема за сите припадници, гортекс одела, вооружување основно, абеха опрема, а сега гледате тука и оваа алпинистичка опрема. Дваесет и пет години не делат од последната набавка на ваква алпинистичка опрема, но овојпат опремуваме целосно неколку армиски тимови и обезбедуваме навистина најсовремена опрема, којашто ќе значи многу и за припадниците на армијата, кои ќе ја користат при вежбите, но ќе значи многу и за оние коишто би можеле да бидат цел на некоја ваква операција за заштита и спасување, нагласи министерката Шекеринска.
Како држава, како Министерство за одбрана, потенцира Шекеринска, покажавме дека никој врв не е недостапен ако знаете која ви е целта, ако ги искористите ресурсите за вистинските приоритети и ако го сработите својот дел од задачата.
На новинарско прашање дали може овие средства да се искомбинираат за други целни намени, да се користат во одредени несреќи, било какви ситуации, таа одговори дека генерално, армијата се опремува за да биде извежбана, за да биде подготвена и за операции, но пред се опремува и вежба за да може да пружи помош на граѓаните на нашата татковина, да пружи помош на сите цивилни институции.
– Јас споменав, ова не се само армиски ресурси. Од денеска, ова се државни ресурси, коишто можат да се употребат во сите ситуации на заштити и спасување. И денеска се договоривме дека уште во текот на следните денови ќе имаме и заеднички презентации и средби со сите институции од системот на заштита и спасување, за да сите знаеме кој со што располага и каков тип на поддршка може да понуди. Армијата и досега е користена за некои вакви операции, меѓутоа веќе со истечени ресурси, со јажиња кои не треба да се користат, тоа беше рискантно и го избегнувавме, рече Шекеринска.
Шекеринска се осврна на поплавите во Стајковци, кога како и во секоја криза, рече, беа поканети и повикани голем број армиски припадници да помагаат, а тие се секогаш на располагање.
– Ама ако не им ја дадете опремата, ако не им ги дадете инструментите, ако не им дадете со што да помагаат, нема да можат да помогнат колку што се нивните капацитети. Со инвестиции во армијата, инвестираме во безбедноста и сигурноста на сите во државата, децидна беше министерката, истакна министерката за одбрана.
Набавката на алпинистичка опрема, која може да се користи и за спасувачки операции во непристапни планински и карпести терени е прва по 25 години. Се состои од повеќе делови и тоа: витло за спасување, платнени и метални носилка за луѓе, дупчалки, алпинистички шлемови, ракавици, светилки за шлемови, планински чевли и алпинистички патики, алпинистички појаси и полупојаси, ранци, вреќи за спиење.
Со набавката на самата опрема, единицата (Армијата) е во можност да одговори на сите предизвици и побарување во поглед на извршување на задачи на тешко пристапен терен, а согласно наредбата каде што алпинистички тим е вклучен во барање, спасување и евакуација (БСЕ) на целата територија на државата.