Голем меѓународен успех за гимназијалец од Штип

Бронзен медал освои штипскиот гимназијалец Даниел Христов на Менделеевата олимпијада по хемија, едно од најпрестижните светски натпреварувања во оваа област.

Од СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип соопштија дека станува збор за резултат што е плод на долгогодишна работа и посветеност.

„Со особена гордост објавуваме дека нашиот амбасадор Даниел Христов освои бронзен медал. Овој значаен успех е резултат на огромен труд, посветеност и љубов кон науката. Даниел достојно ја претстави нашата гимназија и покажа дека знаењето навистина вреди“, наведуваат од гимназијата.

Натпревар во Москва со најдобрите млади хемичари

Менделеевата олимпијада по хемија се смета за една од најтешките и најпрестижните олимпијади за млади хемичари во светот. Натпреварот се одржал во Москва, Русија, со учество на ученици од повеќе држави и високо ниво на научни задачи.