По многуте покани од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за лидерска средба со лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски конечно таа е на прагот и истата ќе се случи в понеделник.
Она што е изненадувачки пред оваа средба е тоа што СДСМ воопшто не се консултираше со ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски очекува в понеделник конструктивна лидерска, без уцени, на која ќе се разговара за датумот за одржување на парламентарните и претседателските избори, но и договор за измените на изборниот законик. Тој посочи дека нема консензус за укинување на техничката влада сега, туку од следните избори.
Според него, тоа не треба да претставува пречка, туку го смета за уште поголем демократски амбиент, посочувајќи дека на опозицијата и било понудено да учествува во владата заради продолжување на европскиот пат.
Веќе со месеци наназад Мицкоски бараше да се разговара за претстојните избори и за изборниот процес.
Пред два дена, Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека на лидерската средба очекуваат да се прецизираат датумот за избори, забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и укинувањето на техничката влада.
Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека од ДУИ му забраниле да се откаже од идеја премиер Албанец, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, ова било потврда дека со Владата управува ДУИ.
На прашањето што можеме да очекуваме в понеделник краткиот одговор би бил дека најважно е партиите да се договорат за датумот на изборите, техничката влада, дали парламентарните и претседателските избори ќе бидат споени, но и кои се забелешките од ОБСЕ по состанокот во Скопје.
Власта не се откажува од дијалогот за уставните измени, бидејќи како што вели Ковачевски, тоа е обврска од преговарачката рамка и дека процесот не завршува на 31-ви декември. За опозицијата, како што велат, оваа тема е одамна затворена и не прифаќаат отворање на Уставот. Средбата на лидерите на парламентарните партии ќе се одржи в понеделник напладне во Собранието, а поканет е и спикерот Џафери.