Децата го учат тоа што вистински го сакаат, не трчаат по универзитетски дипломи. Горди се ако стекнат звање пекар, фризер, водоинсталатер, плочкар, заварувач, механичар, козметичар, кројач, готвач, а како професионалци во својата струка високо се ценети од државата и општеството. Имаат можност да работат од 15 години, но и многу лесно понатаму да се преквалификуваат или доедуцираат.

Вака накусо изгледа швајцарскиот систем на дуално образование во кој подеднакво се вклучени и партнерски соработуваат конфедерацијата, кантоните и стопанството. Всушност, бизнис секторот е најголем поддржувач на младите идни стручни кадри.

„Обучувај се за фризер, стани биолог“ или „Школувај се за машински инженер, стани забен техничар“ се само некои од слоганите преку кои може пластично да се доловат можностите за едукација, квалификација, преквалификација, усовршување и доедукација што ги нуди дуалното образование во Швајцарија.

Успешните модели, како швајцарскиот, можеби не може да се пресликаат, но нивните придобивки секако може да се согледаат и да се „купат“ основните принципи.

-Не жалам што не се запишав на факултет, сам одбрав да бидам пекар, едноставно ја сакам оваа професија. Посебно е чувството кога ќе застанете зад излогот на продавницата и кога ќе видете што сте направиле. Доаѓаат потрошувачи, купуваат многу од вашите производи и исклучително се задоволни. Во тоа е магијата и атрактивноста на струката, во посебното чувство на задоволство. Во Швајцарија системот е многу добар, овозможува да се едуцирате во многу насоки, да стекнете образование за што било, не само ако одите на Универзитет, вели Урс Ротлин, пекар, предавач во школата на Асоцијацијата за пекари во Швајцарија и тренер во центрите за обука кои се трета алка во системот, покрај компаниите и училиштата.

Ротлин, кого го запознавме на годинашниот саем „SwissSkills“ што се одржуваше од 7 до 11 септември во Берн, истакнува дека луѓето кои одбираат да бидат пекари се вљубени во храната, но се и многу креативни.

-Многу од младите мислат дека пекар значи да се станува рано, но ние им кажуваме дека не е Ñ �ака, дека често пекарите работат и преку ден, дека сите не мора да станат многу рано наутро. За да ја направиме струката привлечна за нив, учествуваме на многу натпревари, доаѓаме тука, на саемот „SwissSkills“ во Берн каде може да се покажат сите пекарски продукти. Имаме и интернет платформа на која може да се прочита што се може да се направи во пекарница. Но, не треба да ги привлечеме само младите, важно е да допреме и до родителите зашто понекогаш младите носат одлуки земајќи го предвид и мислењето на родителите. Значи, важно е и родителите да видат дека нашата работа е добра, за да ги поддржат своите деца. Понекогаш е тешко некој на само 14 години да одлучи што сака да биде и да почне некаква карира, како пекар, на пример, додава Ротлин.

Во Швајцарија не е чудно девојка да биде автомеханичар или да вози трактор. Софи Шумахер која беше една од натпреварувачите на „SwissSkills 2022“, не е дури ни автомеханичар, туку механичар за камиони.

-Јас сум механичзар за камиони. Одлучив да се занимавам со оваа професија зашто татко ми и брат ми се автомеханичари. Понекогаш работев со татко ми и навистина ми се допаѓаше тоа. На почетокот учев нешто друго, но не ми се допаѓаше многу. Потоа почнав да барам пракса за автомеханичар, но не ми се допадна и таму многу. Потоа најдов познаник кој работи во салон за камиони и тој кажа дека бараат практикант и ме поканија. Кога видов ми се допадна и учев за тоа, рече Шумахер.

Објаснувајќи го принципот на тригодишното стручно школување, таа истакна дека првата година еден ден неделно одат во училиште, а четири дена се на пракса, втората година 1,5 ден во неделата се во школо, додека третата година повторно само еден ден неделно одат во училиште.

-Во 2014 година почнав со стручна обука, завршив и сега го продолжувам школувањето уште три години, а потоа ќе одам и на мастер. Отворив своја компанија и во исто време учам. Комбинацијата учење и работа во исто време дава одличен резултат. Сметам дека најдобро се учи низ пракса. Имам другар кој прво заврши за пекар и всушност е пекар, но потоа продолжи на техничко-инженерска школа, се преквалификува. Во Швајцарија, тука, навистина лесно можеме да ја смениме професијата или да продолжиме со учење иако по основното школо сме избрале тригодишно стручно, дуално образование кое подразбира миниму терорија, а многу повеќе пракса и работа во реалниот сектор, нагласува Реми Ередеро, технички инженер.

Тој е еден од т.н. амбасадори, натпреварувачи кои во претходните изданија на „SwissSkills“ покажале најдобри вештини и стекнале шампионска титула. Ередеро и неговио тим на неговиот штанд ја демонстрираше свтруката пред деца заинтересирани за техничко инженерство.

-Во Швајцарија главно се оди на опцијата да се работи и да се учи истовремено. Увидовме дека најчесто така е подобро. Кога одев на пракса се обидувавме да одлучиме што е најдобро за инженерскиот живот – да се избере учење преку школо или практично? И секогаш погодувавме, воочувавме дека има голема разлика. Преку пракса луѓето повеќе се поврзуват со професијата, вели Ередеро.

Интересна е и приказната на „SwissSkills“ шампионот во 2018 година, водоводџијата и мајстор за грејни изолации, Роман Руфенер.

-Пораснав со татко и дедо кои работеа како планери на јавните системи за греење. Фактички, пораснав гледајќи ги тие техники. Секогаш се прашував како оди тоа, ме интересираше и така ја одбрав професијата. Учев тоа најпрво, во компанија и стекнав знаење за изолации за греење. Потоа продлжив да учам за водоводџија. Ова е работа на иднината и прилично важна струка во Швајцарија. Зимите се многу ладни, па ви треба систем за греење, а како водоводџија важен е квалитет на водата. Всушност ова е многу интересна и мултифункционална работа, објаснува Руфенер.

Скапо е, додава, поставувањето на системи за греење зашто не е едноставно местењето на сите потребни цевки.

-Правиме метални скелиња, метални конструкции и потоа ги инсталираме цевките. Тоа е главен дел од натпреварувањето. Но, има и други помали сегменти кои демонстрираат како функционира системот за греење, а потоа и како сетоа тоа заеднички изгледа, во целина, нагласува Руфенер.

Според него, важно е да се биде на настан како што е „SwissSkills“ зашто само така помладите можат директно да видат зошто оваа работа е „кул“ и зошто треба да се занимаваат со неа.

За родителите во Швајцарија клучно е децата да учат тоа што сакаат, сами да изберат професија и да го работат она што им претставува вистинско задоволство. Факултетските дипломи воопшто не се приоритет.

– Најважно е моите деца да го работат тоа што го сакаат, тоа што им се допаѓа, да бидат пасионирани од својата професија. Во Швајцарија има многу добро развиен стручен тренинг. За да бидеш лекар треба да одиш на Универзитет, но има многу индустрии, како механичката, за кои е неопходна стручна обука. Ги охрабрувам младите да почнат со стручно образование, а потоа, ако сакаат, да го продолжат своето школување. Можете многу да направите со свои раце. „Ајфонот“, на пример, како се произведува? Не се прави во училница, туку во компанија, вели Тобиас Мосер, дипломиран физичар и родител, кој со својата сопруга и четирите малолетни деца беше еден од посетителите на саемот „SwissSkills 2022“.

Две третини од швајцарските основци продолжуваат во дуално образование кое, не само што е атрактивно, туку е и скапо. Најголемиот товар од финансиски аспект отпаѓа на компаниите, 60 отсто, кои му даваат и најголема поддршка на овој модел, додека федерацијата учествува со само 10 проценти, а кантоните покриваат 30 отсто од трошоците.

Дуалното образование во Швајцарија нуди можност за изучување 250 струки, а по неговото завршување се добива т.н. федерална диплома.