Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември упати честитка до албанската заедница во земјава, истакнувајќи дека Денот на албанската азбука е важен симбол на културното и просветителското наследство на албанскиот народ.

„Пред 117 години, унифицираната азбука започна своето патување на Конгресот во Битола. Денес потсетува дека јазикот и писмото се основа на колективниот идентитет и ја зајакнува духовната врска меѓу генерациите. Почитта кон јазикот и писмото на секоја заедница го унапредува социјалното единство и го сплотува нашето мултиетничко општество. Албанскиот јазик е важен дел од различностите што го прават нашето заедничко општество побогато и посилно“, се наведува во честитката.

Во честитката, Сиљановска-Давкова изразува признание за придонесот на албанската заедница во развојот на образованието и културата, со што се збогатува општествениот живот.

„Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да градиме држава која се темели на почит, еднаквост и единство. Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe“, додава претседателката.