Две лица загинаа во невремето во Бугарија и Романија за време на викендот, што предизвика соборени дрвја и прекин на електричната енергија на брегот на Црното Море.
Во саботата вечерта, 43-годишна жена била здробена до смрт од дрво во источниот град Варна, соопшти бугарската полиција. Повредени се и двајца спасувачи кога врз нив паднале скршени гранки.
Шеесет и петгодишен возач загина во Софија кога дрво паднало врз автомобилот во кој се наоѓал. Неговата сопруга е хоспитализирана во тешка состојба.
Иако денеска се смирува временската состојба во главниот град, источна Бугарија се уште е изложена на силен ветер кој дува со брзина поголема од 100 км/ч и немирно море, со бранови над пет метри.
Крајбрежниот град Варна прогласи вонредна состојба, како и осум други градови во регионот, а жителите беа замолени да останат дома.
Снежен хаос владее и на североистокот од земјава, од каде полицијата добила десетици повици од возачи во неволја. Авионскиот и железничкиот сообраќај беа прекинати.
Истото невреме ја погоди и соседна Романија. Таму црноморските пристаништа се затворени за пловидба.
Метеоролошката служба издаде највисоко црвено предупредување за провинциите Констанца и Тулчеа.
Десетици илјади домови таму останаа без струја, а пожарникарите отстранија 140 дрвја кои паднаа на патот. Оштетени се и четириесетина возила.