Канцеларијата на Федералното обвинителство во Карлсруе изјави дека докторот Ала Муса е обвинет по 18 точки, за тортура врз луѓе во воени болници во сириските градови Хомс и Дамаск.

Муса дојде во Германија во 2015 година и практикуваше медицина се до апсењето минатата година.

Тој е обвинет, меѓу другото, и дека се обидел да предизвика стерилитет кај неговите жртви. Според обвинението, Муса истурил алкохол на гениталиите на тинејџер и маж и ги запалил со запалка во воената болница во Хомс.

По избувнувањето на бунтот против режимот на сирискиот претседател Башар Асад, демонстранти често беа апсени и мачени. Повредените цивили за кои се смета дека се припадници на опозицијата, исто така, беа носени во воените болници, каде што беа мачени, а понекогаш и убивани, соопштија германските обвинители.

Во февруари, германскиот суд осуди поранешен припадник на тајната полиција на Асад за тортура врз затвореници, што е прва пресуда надвор од Сирија против официјални лица на земјата, за злосторства против човештвото.