Сириско училиште одлучи да ги раздели момчињата и девојчињата бидејќи флертувале наместо да учат.

Станува збор за елитна гимназија во главниот град Дамаск, во која учел и поранешниот сириски претседател Башар ал Асад.

Раководството на Институтот „Ал Хурија“ соопшти дека оваа одлука е во интерес на самите ученици. Сè за разделбата било подготвено во училниците, дури и во дворот биле издвоени зони за девојчињата, посебни од оние за момчињата.

Според раководството, разговорите меѓу учениците од двата пола за момчиња и девојки и флертувањето меѓу нив довеле до ниски резултати. Покрај тоа, имало и случаи на вознемирување на девојчињата од страна на момчињата. Имало и случаи на расправии кои преминале во сериозно насилство, а мотивите биле љубомора.

Гимназијата била отворена во 1925 година за време на францускиот мандат во Сирија. Во тоа време таа била француско-арапски лицеј во кој се образувала елитата на Сирија. Во средината на 1960-тите години училиштето било национализирано од владејачката партија БААС и било преименувано во „Ал Хурија“, што значи слобода. Во еден момент тоа краткотрајно го носело и името на Басел ал Асад, постариот брат на Башар ал Асад, кој загина во автомобилска несреќа во 1994 година.

Одлуката за разделување на учениците предизвика дебати на социјалните мрежи и загриженост дали во земјата расте влијанието на конзервативните религиозни струи.

Во април минатата година, раководството на болницата „Ал Мусават“ во Дамаск одлучи да ги раздели мажите од жените во автобусите што го превезуваат персоналот. Но, дојде до протести и наредбата беше укината.

Во соопштението објавено минатиот месец, четири организации кои ги претставуваат цивилното општество и правата на жените ги критикуваа најновите одлуки на новите сириски власти, сметајќи дека тие ги ограничуваат индивидуалните и јавните слободи и наметнуваат форма на социјално старателство, при што овие мерки особено ги засегнале жените