Независно истражување потврди значителен напредок

Владата соопшти дека тврдењата за „селективна транспарентност“ се демантирани со факти и независни мерења. Според најновото истражување за активна транспарентност на Владата, спроведено од невладина организација, институциите забележале значителен скок од 10-то место во 2024 година, на 3-то место оваа година, со вкупна исполнетост од 95 проценти.

Од Владата нагласуваат дека ваквиот резултат не е случајност, туку последица на системски пристап и континуирани политики во објавувањето на сите информации од јавен карактер.

Демант на критиките за прикривање информации

„Овој резултат е најсилен демант на тврдењата дека Владата нешто крие. Напротив, ова е објективна потврда дека транспарентноста се унапредува и станува суштинско начело во работењето на институциите,“ соопштија од Владата.

Од таму дополнително посочија дека не постои ниту едно неодговорено прашање или намерно задоцнување во односите со јавноста.

„Нашиот став е принципиелен: секоја информација од јавен интерес мора да биде достапна навремено и во целост. Сите медиуми можат да потврдат дека Владата е експедитивна и ефективна, нешто што повеќепати е констатирано и признато,“ додадоа од прес службата.

Нова стратегија и култура на отчетност

Владата потсети дека „Стратегијата за транспарентност“ е документ оставен од претходна власт и дека содржела мерки со формален карактер, како обуки за вработени.

„За нас, транспарентноста не е само форма, туку суштина. Не е исполнување на минимален список документи, туку создавање култура на отчетност, отвореност и јавна достапност,“ истакнаа од институциите.

Според најавите, во тек е подготовка на нова стратегија која ќе ја покаже намерата транспарентноста да се развива понатаму.

„Свесни сме дека демократската легитимност бара целосна отвореност. Владата ја добива својата моќ од граѓаните и затоа мора да работи со постојана јавна контрола. Нашата цел не е само да исполниме индикатори, туку да обезбедиме граѓаните и медиумите навреме да ги добиваат клучните информации,“ наведоа од Владата.

Во соопштението се нагласува дека јавноста заслужува целосна и суштинска транспарентност, која се демонстрира секојдневно преку резултати: скок од седум места во активната транспарентност за една година, експедитивност кон медиумите и постојано објавување информации од јавен интерес.

„Нашата транспарентност е темел на довербата меѓу државата и граѓаните и гаранција дека институциите функционираат во интерес на јавноста,“ завршува соопштението.