Младински хабови – мост меѓу младите и бизнисот

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерен, инклузивен и младински ориентиран главен град, кој, како што истакна, ќе создава реални можности за раст, развој и иднина на младите.

„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите,“ изјави Шукова, нагласувајќи дека еден од клучните приоритети во нејзината програма се младинските хабови – современи урбани простори каде младите ќе добиваат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за своите идеи.

Според Шукова, хабовите ќе бидат инспирирани од европските метрополи и ќе им овозможат на младите да се вмрежуваат со компании и инвеститори, да развиваат идеи и да стекнуваат практични знаења.

Во рамки на овие центри ќе се обезбеди поврзување со компании што бараат нов кадар, советување за избор на образование и кариера, обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој, како и финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи.

„Овие хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот. Ќе помогнеме идеите да станат реалност, а талентот успех,“ порача Шукова.

Првите младински центри, според најавата, ќе бидат лоцирани во катната гаража „Беко“ и во Воената кула кај Нова железничка во Аеродром, објекти кои се во сопственост на Град Скопје.

Градски ваучер и нова гимназија – Скопје што се грижи за сите генерации

Во делот на социјалните политики, Шукова најави воведување на мерката „Скопје за сите“ – градски ваучер што ќе овозможи бесплатен јавен превоз, пристап до ЗОО, музеи, библиотеки и културни активности, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот ќе биде наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и лицата со попреченост.

„Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи – град што е достапен и топол за сите генерации,“ изјави Шукова.

Во областа на образованието, таа најави изградба на нова гимназија во Аеродром, реновирање и модерно опремување на училиштата, дигитализација на наставата и зголемување на поддршката за младински проекти за 300 проценти.

„Со овие мерки, Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Верувам дека кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде – сите ќе успееме заедно. Ова е наш град. Овде ни е домот,“ истакна таа.