На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК заради налетите на невремето, беа добиени повеќе пријави, а и сè уште се добиваат од Тетовско, Скопско и Кумановско за поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично. Сите информации беа соодветно селектирани и трансферирани до надлежните во локалните самоуправи и до надлежни служби и институции.
По скопското невреме имало пријави за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки – 6; скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични и телефонски кабли – 4; поплавени куќи – 8; поплавени подрумски простории и гаражи – 12; поплавени улици – 5; проблеми во снабдувањето со електрична енергија – 3; оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради – 4 и за оштетени патнички моторни возила – 4.
Од невремето што ја зафати територијата на Општина Куманово со обилни врнежи од дожд на 112 во ЦУК пристигнаа голем број на пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби, а и за поплавени површини, дворови, подрумски простории и приземни објекти и куќи.
Од кризниот штаб на Општина Тетово добиени се податоци за блокиран локален пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна што е преполн со вода и каде што имало едно заглавено возило, имало затнати канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица. а голема количина на вода има навлезено во приватни куќи во дворови и подруми. Општинскиот кризен штаб беше активен и од ЈКП Канализација од Тетово и другите надлежни општински служби и институции испраќаа свои тимови и поединци на интервенција.
Според УХМР, до петок, ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Денес на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд (над 30 л/м2) за кратко време, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.
До граѓаните се препорачува на внимателност пред и за време на најавените локални метеоролошки нестабилности.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.