Словенија ќе го почека мислењето на Европската агенција за лекови за вакцината против Ковид-19 на Џонсон и Џонсон, чија пратка веќе пристигна. Што се однесува на вакцината Астра Зенека, словенечките здравствени власти остануваат на досегашната стратегија и заклучокот дека се работи за ефикасна и безбедна вакцина за сите над 18-годишна возраст.
Епидемиологот Марта Гргиќ Витек денеска соопшти дека пратката вакцини од Џонсон и Џонсон пристигнала и дека во моментот е „ставена во карантин“, со оглед на тоа дека е одлучено да се чека мислењето на Европската агенција за лекови (ЕМА) за употребата на таа вакцина.
Во однос на вакцината на Астра Зенека и можните промени во стратегијата за нејзино користење, за која одлучуваа некои земји во Европа, таа рече дека сегашната владина стратегија останува, со став дека е безбедна и ефекасна вакцина, погодна за сите на возраст над 18 години .
Американската агенција за лекови вчера побара привремено прекинување на вакцинацијата со вакцината Џенсен на Џонсон и Џонсон поради појава на случаи на згрутчување на крвта, а компанијата соопшти дека ќе престане со воведување на вакцината во Европа. Бидејќи оваа недела започнува дистрибуцијата на оваа вакцина во Европа, Европската агенција за лекови побара итна консултација со производителот.
Во Словенија, во последните 24 часа беа потврдени 1.233 инфекции со коронавирус и пет смртни случаи, со 23,2 проценти позитивни тестови, што укажува дека 11-дневното „затворање“ дало резултати.
– Со одржување на позитивниот тренд на благ пад на нови случаи, до лето би можеле да ја запреме епидемијата, рече Леон Цизељ, истражувач од научниот институт Јожеф Штефан, институција што прави проекции за потребите на владата. Репродуктивниот број на ширење на заразата од 1,2, што беше пред „локдаунот“, сега е сведен на еден. Сега, од 1.000 новозаразени за еден ден, 60 за жал ќе завршат во болница, од кои 15 на одделот за интензивна нега поради потешка форма на болеста, а петмина ќе починат, предупреди Цизељ.
Според словенечката Влада, во моментов има 622 пациенти во болниците, од кои 154 се во единиците за интензивна нега, а инциденцата на потврдени случаи на 100.000 жители е намалена за 15 проценти за две недели.
Во Словенија досега 195.000 лица или 16 проценти од населението примиле вакцина против Ковид-19, а шест проценти ги примиле двете дози на вакцината, според експертите од Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ). Темпото на имунизација се очекува да се забрза и до почетокот на мај, откако ќе бидат вакцинирани претежно најстарите категории на население, исто така ќе бидат вакцинирани „најмалку 50 проценти“ од луѓето на возраст од 65 до 69 години.
Во однос на несаканите ефекти од вакцинацијата,од вкупно 216 илјади вакцинирани со Фајзер, 2386 пријавиле одредени симптоми, а 56 такви случаи биле пријавени меѓу 4.100 вакцинирани со Модерна.
Вакцината на Астра Зенека е дадена на околу 100.000 луѓе, а пријавени се 1.592 случаи на несакани ефекти или околу 1,5 процент.
Посериозни несакани ефекти, како што се венска тромбоза или белодробна емболија, биле пријавени во 32 случаи или 1,3 проценти од вакцинациите со Фајзер, само еден случај е пријавен од вакцината на Модерна и 16 случаи при имунизација со Астра Зенека.