Во рамки на продолжението на третата седница, Собранието го усвои Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2019 година. Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека овој заклучок, заедно со Извештајот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да се достави до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Џафери соопшти дека гласањето по оваа точка ќе се изврши дополнително, по што ја прекина седницата и најави дека пратениците за продолжување на седницата дополнително ќе бидат известени.
Пратениците во рамки на продолжението на четвртата седница расправаа за Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2019 година. Кај пратениците генерално немаше интерес за расправа, освен кај Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека со големо задоцнување се разгледува овој извештај. Посочи на неколку забелешки, како постапувањето на оваа Комисија која, како што рече, има голем спектар на надлежности по кои постапува, а од нејзиното постапување зависат многу постапки во целокупното работење на државните органи. Потоа Џафери констатира дека претресот по Годишниот извештај е завршен и дека е завршена четвртата седница.
Во рамки на шестата седница на Собранието, беше разгледан Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2019 година. Џафери информира дека Собранието го разгледа Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2019 година и овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Владата, до Министерството за економија и до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Гласањето и за оваа точка ќе се изврши дополнително, по што ја прекина оваа седница. За продолжување на седницата пратениците дополнително ќе бидат известени.
На дневен ред на седмата седница беше Годишниот извештај за работата на Агенцијата за пошти за 2019 година, а на осмата собраниска седница на дневен ред беше Годишниот извештај за работата на Инспекцискиот совет за 2019 година. Кај пратениците немаше интерес за расправа за овие точки.
Собранието во рамки на деветтата седница го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност за 2019 година и овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финасирање и буџет треба да се достави до Владата, Министерството за финансии и Комисијата за за хартии од вредност. Гласањето и за оваа точка дополнително ќе се изврши.