Вистината е како шило. По објавените разговори со Ива Михаилова, сè поубедливо изгледа оценката дека претворањето на нејзиниот случај во национална драма било политички проект со предизборна употребна вредност за Радев и Јотова.

ПИШУВА: Љупчо ЗЛАТЕВ

Приказната за девојката што Македонија наводно ја прогонува затоа што е Бугарка доби нов пресврт, па сега самата Михаилова тврди дека бугарските служби ѝ се закануваат, ѝ ги контролираат настапите и ја условуваат нејзината рехабилитација.

„Нема да ја добијам рехабилитацијата што ми е потребна“, вели таа, објаснувајќи што наводно ќе се случело доколку не гостува прво кај посочениот новинар. Зборува за тежок психички притисок и за работи што не смеела да ги каже. Ако овие тврдења се точни, наводната заштитата на една личност се претворила во средство за нејзино контролирање…

Почетната точка на случајот е сообраќајна несреќа со трагично и прерано загинат живот на човек со име и презиме Бесим Дурмиши. Според македонското обвинителство, станува збор за дело од небрежност. Тоа е суштински различно од тврдење дека Михаилова намерно предизвикала смрт. Самата квалификација за небрежност е доказ против приказната дека институциите по секоја цена конструираат најтешко можно обвинение за да казнат нечија национална припадност.

Понатаму, видовме дека Ива Михаилова има лажна дијагноза и лажна потреба за лекување во Бугарија, пред камера тоа го потврди докторот кој ја напишал дијагнозата за пари. Потврда дека дијагнозата е лажна е и тоа што Михаилова побегна само неколку дена пред да биде во Кочани прегледана од мешан бугарско-македонски лекарски конзилиум.

Најголем доказ дека нема потреба од лекување е тоа што откако е во Софија, таа има поминато повеќе време на телевизија од во болница.
Во националистичката врева речиси исчезна загинатиот човек. Неговото семејство има право на одговори! Наместо тоа и во последниот прилог доби навреди од етничка природа од Михаилова!

Криминалитетот во случајов е наследен, нејзиниот татко Симеон Михаилов е осуден на 12 и пол години затвор за обид за убиство, насилство и злосторничко здружување, во предмет поврзан со „Детонатор“, и е во бегство токму во Бугарија веќе подолго време Тоа е конкретна врска со тешкиот криминал, а не биографија на Бугарин патриот!

Во Македонија никој, никогаш не барал од Михаилова да се откаже од бугарското во неа. Ворочем, државава не ни знаела за нејзината самосвест затоа што бугарското во неа не постоело пред да почне судската постапка…

Ако ДАНС навистина ги условувала настапите и помошта како што тврди Михаилова, тогаш обидот да се управува со приказната против Македонија ѝ создал проблем на самата бугарска држава. Кога ќе си фатите работа со некој кој е нестабилен, работите нужно ќе ви излезат од контрола.

Пресвртот е толку ироничен што во политичка сатира би изгледал како Михаилова да им била подметната од македонските служби. Иронијата е во тоа што штетата за бугарските институции сега произлегува од зборовите на личноста околу која се градеше обвинението против Македонија.

Поуката за Софија е дека државата мора да ги проверува фактите пред да создава национални херои и меѓудржавни скандали. Сега проблемот е во нивниот двор и таму ќе остане.

Во Македонија нема никаква репресија кон никој од тие две-три илјади кои се декларираат како бугари. Ако имаше, ќе имаше пресуда против државава од Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, од истиот тој суд има 16 пресуди против Бугарија за кршење на правата на македонците таму.

Сепак, бугарското општество одлучи да верува во лаги и митови. Сега, чувајте си ги дома и јадете се меѓу себе!