Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека солидарноста која сојузниците ѝ ја дадоа на САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година останува непоколеблива и по 25 години.
Во говорот одржан во Меморијалниот музеј 9/11 во Њујорк, Руте истакна дека секое парче од Северната кула на Светскиот трговски центар, поставено пред седиштето на Алијансата во Брисел, нè потсетува на трагедијата, но и на единството што ја одбележа реакцијата на НАТО.
„Поминаа 25 години, а сепак се сеќавам како да беше вчера“, рече тој, присетувајќи се на драматичните снимки од паднатите авиони и активирањето на членот 5 од Северноатлантскиот договор, со кој нападот врз една членка се смета за напад врз сите.
„На 11 септември Америка не беше сама. Вашите сојузници во НАТО застанаа со вас“, подвлече Руте, потсетувајќи дека по нападите авиони на Алијансата патролираа над американскиот воздушен простор, а сојузници и партнери беа распоредени во Авганистан.
Руте оцени дека денешната безбедносна средина е побогата со нови закани – од терористички групи до сајбер-напади и саботажи – и дека сојузниците мора да ги зајакнат своите одбранбени капацитети.
„Америка е силна. Таа останува најголемата светска сила. Но, Америка не мора да оди сама“, рече тој, нагласувајќи ги поголемите инвестиции во одбранбената индустрија и поддршката за Украина како дел од стратегијата „мир преку сила“.
Руте го заврши говорот со пораката дека решителноста на сојузниците да ја заштитат слободата и да спречат нови терористички напади е иста како пред 25 години.
